Македонските граѓани најмногу се задолжуваат за да трошат. Ваков заклучок би можел да се изведе доколку се погледнат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои покажуваат дека во април годинава, од вкупно одобрените кредити во денари за домаќинствата во земјава кои тежеле 1,446 милијарди евра, дури 680 милиони евра биле потрошувачки кредити. Овие кредити и најбрзо се зголемуваат, па така, тие се повисоки за 30 милиони евра во однос на јануари годинава, а во истиот период вкупните кредити во денари за население се зголемиле за 35 милиони евра. Додека, пак, околу 10 милиони евра изнесувале потрошувачките кредити одобрени во странска валута.
Македонските граѓани најмногу се задолжуваат за да трошат. Ваков заклучок би можел да се изведе доколку се погледнат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои покажуваат дека во април годинава, од вкупно одобрените кредити во денари за домаќинствата во земјава кои тежеле 1,446 милијарди евра, дури 680 милиони евра биле потрошувачки кредити.
Овие кредити и најбрзо се зголемуваат, па така, тие се повисоки за 30 милиони евра во однос на јануари годинава, а во истиот период вкупните кредити во денари за население се зголемиле за 35 милиони евра. Додека, пак, околу 10 милиони евра изнесувале потрошувачките кредити одобрени во странска валута.
Банките им ги одобруваат потрошувачките кредити на граѓаните главно без одредена намена, а поретко се случува тие да се доделуваат за конкретна потреба, на пример за набавка на бела техника, за туристички аранжмани, за образовни цели и слично.
По основ на кредитни картички, пак, овдешните граѓани во април должеле вкупно 194 милиони евра, што е за околу три милиони евра помалку отколку во јануари. Кредитните картички имаат убедливо највисока каматна стапка од сите видови задолжувања на граѓаните, а според последниот податок во март, таа изнесувала 10,8 отсто. Но, населението никако не се откажува од оваа „банкарска понуда“, така што тие заземаат значаен дел од вкупно одобрените заеми.
А, неговото „височество“ минусот, и натаму му помага за преживување на голем дел од граѓанството, кое во април по тој основ на банките им должело близу 86 милиони евра, што е само мало намалување, за околу еден милион евра, во однос на јануари годинава. Каматните стапки кај негативните салда по тековните сметки се на второ место по висина по кредитните картички, односно во март биле на ниво од 9,5 отсто.
Потрошувачките кредити, картичките и минусите доминираат во структурата на долговите на граѓаните кон банките. Ова може да значи дека тие најмногу се задолжуваат за трошење, или, пак, за преживување, зависи како се гледа на работите и кому и што му се приоритети. Често се случува тие да се одлучат да земат еден потрошувачки кредит, со поприфатлива каматна стапка, со кој ќе се „затворат“ повеќе картички, а плус дел ќе остане и за трошење, опција која ја нудат повеќе банки.
Додека, пак, населението помалку влегува во задолжување за она што би се нарекло лично инвестирање, како што е, на пример, купување станови или автомобили. Во април годинава по основ на станбени кредити одобрени во денари македонските граѓани должеле 321 милиони евра, што е пораст за 10 милиони евра во однос на јануари. Значаен износ од станбените кредити биле одобрени и во странска валута, околу 54 милиони евра. Или, вкупно 375 милиони евра во април должело населението за кредит за стан.
Автомобилските кредити не само што се на многу мал износ во однос на другите, туку и регистрираат намалување. Па така, во април само околу 15 милиони од банкарските заеми во денари биле вложени во автомобилски кредити, што е пад за два милиони евра споредено со јануари.
Ако се гледаат податоците на НБМ, може да се забележи дека банките многу повеќе на населението му одобруваат кредити во денари отколку во странска валута. Па така, кредитите одобрени во денари во април изнесувале 1,446 милијарди евра, додека, пак, во странска валута биле доделени вкупно заеми од 82 милиони евра.
Бројките на централната банка покажаа и дека во април има значаен пад на кредитите за бизнисот во однос на март, бидејќи кај приватните фирми кредитирањето се спуштило за 20 милиони евра. Или, ако во март вкупните кредити одобрени кон компаниите изнесувале 2,228 милијарди евра, а во април се свеле на 2,208 милијарди.
Додека, пак, кај граѓаните повторно има месечен раст на кредитирањето, за 14 милиони евра, но поради поголемиот пад кај фирмите, има намалување и кај вкупното кредитно портфолио на земјава.